Во срцето на гостиварските природни убавини секако се наоѓа изворот на најголемата македонска река Вардар.
Таму над селото Вруток, во еден долински усек на апсолутна надморска височина од 683 м. убаво се сместил изворот на едно од најголемите македонски богатства. Од изворот кон селото Вруток и понатаму вардаровото корито се повеќе се проширува, па на места се стеснува, мирно тече низ рамнини и села, па на места подивува, се искривува пред својот излез од Гостивар. Вистинска природна убавина, одмор за човечките очи.
Но, од изворот па следејќи го нејзиниот тек низ населените места, реката ја изгубила својата чистота и убавина. Таа се претворила во депонија, во ѓубриште на несовесни луѓе. Да го исчистиме тоа ѓубриште и да го сочуваме нашето богатство, за повторно да блесне Вардаровата убавина и нашиот срам повторно да стане наша гордост, нашата вистинска река Вардар.